Фаворитската улога е кај Израелците, но „црвено-жолтите“ ќе влезат во мечот на „Филип Втори“ (20,45 ч.) со свои сметки. Најавуваат дека и тие имаат што да кажат за покривање на поразот од Албанија во Скадар и како најава за спектаклот во недела со Италија во Скопје
На три бода од шесте можни во врзаните октомвриски настапи во квалификациите за Светското првенство бара, посакува, се надева фудбалската репрезентација на Македонија. Ако се знае дека во недела во Скопје гостува Италија, селекција што е апсолутен фаворит на „Филип Втори“, тогаш „црвено-жолтите“ ќе ја бркаат зацртаната цел утревечер против Израел.
Израелците, исто така, важат за фаворити, но далеку од статусот каков што уживаат Италијанците. Го имаат респектот на избраниците на Игор Ангеловски што ќе важи до почетокот на средбата. Потоа мислите ќе бидат насочени како до противничкиот гол, како да се сочува сопствениот, како до победа со обединети надежи дека ќе се успее.
„Израелците се фаворити, но и покрај тоа се надеваме дека максимално ќе одговориме на предизвикот и ќе успееме да забележиме позитивен резултат. Мечот во Скадар е зад нас. од него ќе се обидеме да ги искористиме добрите страни за утревечер да бидеме уште подобри. Подобро рангирани се, нивни клубови играат во Лигата на шампиони и во Лига Европа, знаат да бидат многу опасни против секого. Го покажаа тоа и против Италија. Против репрезентација каква имаат „азурите“, тие направија неколку прилики за гол. Еден постигнаа, но имаа шанси и за втор. Најдобра страна гледам во нивните играчи во офанзивниот дел на средниот ред“, истакна селекторот Игор Ангеловски.
Македонија ги почна квалификациите со пораз од Албанија во Скадар во минатиот месец. Тоа што било-било, вели селекторот. Според него, фудбалерите сфатиле каде кисканел и не очекува провлекување на грешките и против Израел.
„Израелците котираат подобро од нас на хартија. Нашата определба е јасна. Посакуваме победа и ќе сториме се што е до нас да го добиеме натпреварот“, додаде Ангеловски на официјалната прес-конференција пред средбата одби да каже за планираните измени во составот за утревечер во однос на оној што го изведе на „Лоро Боричи“ пред еден месец.
Пандев: Израел е ривал со квалитетен напад и послаба одбрана
Ако средниот ред е забележан како најдобра алка во составот на Елиша Леви, тогаш одбрана е скаутирана како послаб сегмент во играта на гостинската селекција. Тоа, пак, воопшто не ја девалвира комплетната слика за фудбалската репрезентација на Израел.
Согласен со таквата констатација и Горан Пандев. Капитенот се надева на добри 90 минути и со помош на навивачите верува во позитивен резултат.
„Поразот од Скадар сигурно дека остави траги и ако овојпат одиграме добро, ќе го заборавиме. Сигурно е дека боли тоа што се случи против Албанија и убеден сум дека ако мечот се доиграше во денот кога почна, ние немаше да загубиме“, дециден е Пандев.
Тој е убеден во добар настап против Израелците.
„На гости ни доаѓа квалитетна селекција што заслужува респект и истовемено селекција што има и свои слаби страни. Можеби се послаби во одбрана, но квалитетни се напред. Со максимално залагање ќе се обидеме да оствариме позитивен резултат“, коментира македонскиот капитен.