https://youtu.be/TRjZG14pB3A
Драстично е зголемен бројот на жени Ромки кои абортираат нелегално во приватни ординации, тврдат за НОВА од Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари. Ваквиот подем на нелегални абортуси е забележан во населбата Шуто Оризари каде жените од социјално загрозени семејства се одлучуваат да абортираат нелегално поради високата сума која треба да ја платат на Клиниката за гинекологија, но и заради процедурата низ која треба да поминат за да им биде одобрен абортусот. Со ова тие го ставаат во опасност својот живот и здравје, предупредуваат во Иницијативата на жени Ромки.
“Знаеме какви опасности крие абортусот изведен во несоодветни услови, без операциона сала, но жените се одлучуваат да одат таму бидејќи е поефтино од колку во државните болници“, објаснуваат теренските работнички кои знаат за ваквата состојба.
Една млада жена чиј идентитет нема да го објавиме, за НОВА раскажа како стигнала во една од приватните ординации кои вршат абортуси во нелегални услови и за сума која е пониска од државните болници успеала да изврши абортус.
„Имам пет деца, а останав бремена со шесто. Немам можности да го одгледувам бидејќи многу сме сиромашни, маж ми собира храна и облека по контејнери. Затоа се одлучив да абортирам во една приватна ординација која го прави тоа надвор од законот. Позајмив пари од брат ми бидејќи веќе не можев да чекам, бев меѓу вториот и третиот месец на бременоста и му платив на гинекологот за да изврши абортус“, ја започна својата приказна младата Ромка која живе во супстандардни услови од населбата Шуто Оризари.
Таа раскажува дека гинекологот во приватната ординација не сакал да попушти и се договориле за сума од 5000 денари во која ќе биде вклучен и еден контролен преглед и антибиотска терапија. Сега е заштитена и со спирала од несакана бременост бидејќи не е во можност да купува таблети за контрацепција кои во Македонија не се бесплатни, односно не се товар на Фондот за здравство.
Оваа млада Ромка не е единствената што се одлучила да абортира нелегално. Во последната година енормно е зголемен бројот на жени од сиромашните семејства кои се одлучуваат на ваков чекор, објаснуваат од Иницијативата на жени Ромки во Шуто Оризари.
„Од исказите на жените имаме сознанија дека тие за нелегално направен абортус најчесто плаќаат по 3000 денари или пак имаме случаи на пазарење, се договараат со гинекологот дека ќе му платат кога ќе земат социјална помош. Жените доаѓаат тука кај нас во советувалиштето „Сакам да кажам“ и прашуваат дали може да им помогнеме финансиски за да можат да платат за абортус на Клиниката за гинекологија, но кога ќе им кажеме дека нема таква можност се одлучуваат за нелегален абортус“, вели Салија Бекир Халим, теренска работничка од Иницијативата на жените Ромки во Шуто Оризари.
Од тие причини Иницијативата на жените Ромки побарале одговор од Центарот за социјални работи дали постои некој фонд со кој ќе им се помогне на сиромашните жени за да можат да го платат прекинот на бременоста на Клиниката за гинекологија.
„Побаравме одговор дали може да добијат паричен надоместок или еднократна парична помош за да можат да платат да го извршат абортусот легално на Клиниката за гинекологија. Од таму ни одговорија дека не постои такво нешто“, вели Салија Бекир Халим.
Цената за еден абортус со процедура во операциона сала на Клиниката за гинекологија изнесува 6 812 денари. Жените од сиромашните семејства не се во можност да си дозволат да платат толкава сума бидејќи социјалната помош не изнесува толку и затоа се одлучуваат нелегалниот начин каде плаќаат помалку од половина од таа цена.
НОВА праша во Фондот за здравствено осигурување и на Клиниката за гинекологија дали се предвидени отстапки, односно бесплатни или намалени цени на услугите за абортус за социјално загрозените жени. Од таму одговорија дека бесплатен е само абортусот за кој има медицинска индикација како што е на пример плод со малформации, мртов плод или доколку со бременоста е загрозен животот на мајката. Абортусот од немедицински причини, кој се прави заради тоа што мајката не може да го издржува детето заради немање услови за живот, задолжително се наплаќа.
Невладиниите организации уште пред две години предупредуваа дека со измените на Закон за аборус ќе се зголеми бројот на нелегални абортуси. Тие апелираа дека на жените им се ограничува правото да одлучуваат сами за себе со чекање комисија да одлучи дали жената има право да изврши прекин на бременоста или не. Ситуацијата дополнително ја усложнува финансискиот момент, односно цената која што треба да се плати на Клиниката за гинекологија за извршен абортус што ја доведува во прашање здравствената сигурност на жените кои се приморани да извршат абортус по нелегален пат.