Македонскиот вицепрвак го совлада шпанскиот со 24:23, српскиот голман го одбрани ударот на Фернандез за реми и мечот со заврши со 16 одбрани
Сакаа реприза на 2014 година и се погрижија да ја добијат. Ракометарите на Металург ја забележаа втората победа во групата Ц во Лигата на шампиони во сезоната. Одново е совладана Ла Риоха, како што беше случај и пред две години во ноември, и одново со еден разлика. Тогаш беше 29:28, вечерва 24:23.
Најзаслужен беше голманот Дарко Арсиќ. Србинот меѓу стативите на „металурзи“ заврши со 16 интервенции меѓу кои и фантастичната на неколку секунди до крајот. Фернандез истрча контра што Арсиќ ја „скина“ и не дозволи Шпанците да понесат бод од гостувањето во Скопје.
На врвот на листата на стрелци се најдоа домашните играчи Обрадовиќ и Драгаш и гостинскиот Лангаро кои постигнаа по седум гола, Фернандез погоди четирипати за Ла Риоха колку и Талески за Металург.
Тимот од Автокоманда е пред двомеч со Монпелје во Лигата на шампиони. Првиот е во Франција на 23 октомври, реваншот е во Скопје на 11 ноември.