Најголемото фудбалско дерби во Англија заврши без победник. Ливерпул и Манчестер јунајтед одиграа 0:0 на „Енфилд“ во последниот меч од осмото коло во Премиерлигата.
Домашниот тим беше поблиску до победата, но најзаслужен за освоениот бод на тимот од „Олд Трафорд“ беше голманот Давид де Хеа. Шпанецот имаше две фантастични одбрани во второто полувреме и не дозволи да биде совладан ниту од Емре Џан ниту од Кутињо.
Манчестер Ј. одигра блед натпревар и, речиси, беше безопасен на мегданот на Ливерпул. Со ова реми составот на Јирген Клоп пропушти прилика да се израмни по бројот на бодови со Манчестер сити и Арсенал на врвот на табелата. „Црвените ѓаволи“ на Мурињо останаа на пет бода минус од „граѓаните“ и „топчиите“.
Ливерпул наредниот викенд во премиерлигата е домаќин на ВБА, а Јунајтед го очекува ново дерби против Челзи на „Стемфорд бриџ“. Во меѓувреме, тимот од „Олд Трафорд“ ќе го пречека и Фенербахче во групната фаза во Лига Европа.