Лина Ѓорческа се пласираше во четвртфиналето на ИТФ турнирот во Шарм ел Шеик што се игра за награден фонд од 100.000 долари. По Марија Ирина Бара во првото коло, македонската тенисерка попладнево во Египет совлада уште една Романка и повторно во три сета.
Ѓорческа (206 рекет во светот) овојпат беше подобра од Ана Богдан, трета носителка и 84 места подобра на ВТА листата, со 3:6, 7:5, 6:3. До конечна победа во Шарм ел Шеик и пласман меѓу осумте најдобри стигна по речиси два часа игра.
Противник на Ѓорческа во утрешното четвртфинале ќе биде петтата носителка, Шпанката Сара Сорибес Тормо, 123 светска тенисерка. Таа, пак, во осминафиналето, во два сета (6:2, 7:5) ја елиминира Белгијката Ен Софи Местах.