Руди Гарсија е назначен за нов тренер на Олимпик Марсеј. Соработката е договорена за наредните три сезони, а деби на кормилото ќе има во недела против ПСЖ на „Паркот на принцовите“.
Тренерската промоција на „Велодром“ доаѓа по три дена од преземањето на клубот од американсккиот бизнисмен Френк Мекорт во чија сопственост во минатото беше и бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс.
„Кога го запознав Гарсија, ми рече дека сака да ја освои Лигата на шампиони. Веднаш знаев дека тој е вистинскиот човек за Олимпик“, ја образложи својата одлука Мекорт кој во Марсеј сака да направи тим што ќе може да му парира на ПСЖ.
Гарсија лани доби отказ во Рома. Претходно во тренерската кариера ги предводеше француските екипи Сент Етјен, Дижон, Ле Ман и Лил.