Парламентот ќе мора да гласа дали Велика Британија може да започне процес за напуштање на Европската унија (Брегзит), одлучи Врховниот суд на Островот. Ова значи дека Владата предводена од Тереса Меј не може да го активира Членот 50 од договорот од Лисабон и самоволно да почне преговори.
Меј од друга страна смета дека одржаниот референдум за Брегзит и надлежностите на властите се доволни, и дека гласовите на пратениците не се потребни. Владата најави дека ќе се жали на одлуката.
Претходно премиерката Меј најави дека ќе го активира Членот 50 и ќе ја извести ЕУ дека нивната намера е да го напуштат европското семејство со почеток од март следната година, откако Брегзитот успеа со 51.9 наспрема 48.1.
Останатите 27 земји членки се децидни дека Британија не може да започне процес на излегување се додека не биде активиран Членот 50.
Сепак како што велат британските аналитичари, пратениците најверојатно ќе гласаат за активирање на клаузулата, бидејќи кампањата За Брегзит беше поддржана од мнозинство гласачи на референдумот.
Има повеќе опции како Велика Британија би останала во Европската унија
Членот 50
Оваа клаузула – Членот 50 (активирање на излезот) дозволува две години за земјата која сака да ја напушти Унијата да ги преговара термините за нејзините односи со ЕУ со акцент на трговијата и миграцијата.
Џон Кер, човекот кој го формулира Членот 50 на Лисабонскиот договор за Би Би Си изјави дека Велика Британија се уште може да се предомисли и да се откаже од напуштање на Унијата, дури и откако официјално ќе ги започне разговорите за Брегзит со активирање на овој член.
Тука се поставува прашањето што ако Британците издејствуваат да ги имаат речиси сите привилегии како и земјите-членки само без формално членство? Луѓето од власта на Британија порачаа дека нивната намера е Велика Британија да ги задржи сите договори за слободна трговија и слободно движење во Европа, каков што е примерот со Норвешка, која не е членка на Европската унија но има пристап до заедничкиот пазар и отвореност на границите.