Tурски Театар, утревечер премиерно ќе ја изведе кореодрамата „Шекспир во приказни“, работена по делата на В. Шекспир, во режија и кореографија на Кери К. Невзати. Ова е прв пат во историјата на македонскиот театар да се работи Шекспир преку изразот на кореодрамата
„Здачата која пред себе си ја постави кореографот/режисер Кери К. Невзати подготвувајќи ја „Шекспир во приказни“ е далеку од едноставна. Говорот на телото, танцот и симболите се основните алатки кои ги користи Невзати, преку кои ја пренесува пораката за животот и смртта. Актерите имаат ѓаволски тешка задача. Тие во процесот на подготовките секојдневно го предизвикуваа сопствениот ум, тело, говор, емоциа и кондиција“, вели драматургот Викторија Рангелова.
Претставата раскажува приказна за оттуѓеноста меѓу луѓето, меѓусебната недоверба, потребата грдите внатрешни пориви и конфликти да ги пренесеме на оние кои не’ опкружуваат, потрагата по себе си и по сродниот на себе, тежнеење кон љубовта и истовремено неможноста таа да се прими целосно, опседнатоста со моќ и желба за доминација, која несомнено води кон пропаст и смрт.
„Фрагментите од драмите на Шексшир ( Крал Лир, Ромео и Јулија, Сон во ноќта спроти Иванден, Магбет, Хамлет, Ричард трети, кротењето на опаката ) се структурирани во современа приказна, во која ги препознаваме сликите и ликовите од делата на Шекспир. Неговите приказни се толку наши, а неговите ликови се секаде околу нас“, додава Рангелова.
Освен режисерката Невзати, дел од авторската екипа се сценографот Јовица Мијалковиќ, костимографот Маја Димовска, автор на дизајнот и видео арт е Доријан Миловановиќ, а на музиката Џенгиз Ибрахим. Настапуваат актерите: Билјана Јовановска, Ерман Шабан,
Зиба Радонќиќ, Неат Али, Несрин Таир, Осман Али, Селпин Керим, Сузан Акбелге и други.