Филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски се прикажува неделава на фестивалот „Европа на екранот“ кој се одржува во Џакарта, Индонезија. Фестивалот е организиран во соработка со Европската Унија. „Мајки“ има две проекции на фестивалот, во рамки на програмата „Откритија“.
Ова е прв македонски филм што се прикажува во четвртата најнаселена земја во светот.
„Мајки“ е македонско-француско-бугарска копродукција, добитник на седум меѓународни награди, прикажан на над 40 фестивали на сите континенти, како и македонски кандидат за „Оскар“. Европската филмска академија го вброи во 40 најдобри европски филмови на 2010.
Во главните улоги настапуваат Ана Стојановска, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Владимир Јачев, Диме Георгиевски, Диме Илиев и Марина Поп Панкова.