Карло Анчелоти презеде вина за поразот на Баерн Минхен од Ростов во Лигата на шампиони. Баварците попладнево загубија во Русија со 3:2 и останаа без шанси за освојување на првото место во групата Д. Бундеслигашот, сепак, е сигурен осминафиналист во елитното клупско натпреварување на стариот континент. На коло до крајот на групната фаза (им преостанува уште дуел со Атлетико Мадрид на „Алијанц арена“) има недостижна предност од пет бода во однос на руската екипа.
„Почнавме силно и брзо постигнавме гол, но не продолживме така. Дозволивме пад во играта и многу грешки. Во вакви ситуации, одговорност за лошите резултати во овој дел од сезоната едноставно паѓа врз тренерот. Нашите грешки, а ги имаше многу, го решија натпреварот“, самокритичен е италијанскиот стручњак на клупата на Баварците.
Тој накусо се осврна и на тимот со кој настапи во Русија и определбата да сочува дел од фудбалерите.
„Знаевме дека дуелот со Ростов ќе биде тежок од физичка гледна точка. Затоа и се решив за најсвежите играчи. Тоа беше единствената причина што Томас Милер, на пример, остана на клупата“, додаде Анчелоти.