Роден е на 13 август 1926 (според некои 1927) во Мајари во провинцијата Ориенте.
Во 1950 завршил правни науки на Универзитетот во Хавана. По завршувањето на факултетот Кастро планирал да се кандидира за пратеник во кубанскиот парламент на изборите закажани за 1952, но генералот Фулгенсио Батиста извршил воен удар и ги откажал изборите.
Заедно со група истомисленици на 26 јули 1953 тој извршил напад врз касарната во Монкада. Нападот бил неуспешен и Кастро бил затворен. Во затвор останал до 1955. По напуштањето на затворот Кастро прво отпатувал за САД, а потоа и за Мексико, каде што го организирал револуционерното движење наречено “26 јули”.
Во 1956 заедно со група истомисленици, меѓу кои и Ернесто Че Гевара и брат му Раул Кастро, се истоварува на брегот на Куба и ја поведува борбата против диктатурата на Батиста. Во тоа време неговото движење застапува општи демократски принципи и не се залага за воведување на комунизам. Напротив, тогашната кубанска комунистичка партија не се согласува со начинот на водење на борбата и со целите на движењето на Кастро и го нарекува “ситно-буржоаско”. На почетокот на 1959 силите на Кастро навлегле во Хавана и диктатурата на Батиста била соборена.
На почетокот на своето владеење Кастро не спроведувал радикални општествени реформи. Голем удар на американскиот капитал на Куба бил национализацијата на нафтените рафинерии во 1960, по што САД престанале да купуваат кубански шеќер и вовеле економско ембарго кон Куба.
Притисоците од страна на САД го тераат Кастро да се приближи до СССР. СССР почнал да го купува кубанскиот шеќер, многу важен за целата кубанска економија, но за тоа барале и противуслуги. Меѓу нив беше инсталирањето на советски балистички проектили со долг дострел на Куба, што во 1962 предизвикало тешка криза во односите помеѓу САД и СССР позната како “Кубанска криза”.
Фидел Кастро се повлече од функцијата во јули 2006 година поради здравствени причини, пред формално да му ја предаде власта на својот брат Раул во 2008 година. Тој беше на чело на кубанската држава 47 години.
Смртта на Фидел Кастро доаѓа две години по историскиот договор меѓу САД и Куба за обнова на односите, кои беа замрзнати во текот на кубанската криза во 1962 година, кога светот беше доведен на работ на Нуклеарна војна.




