Синдикалците под закана дека ќе бидат отпуштени по изборите, ако не ги потпишат бланко изјавите испратени од Живко Митревски во кои тој ја бара нивната поддршка за да остане на местото претседател на ССМ – обвинува новото раководство на Сојузот на синдикати, објави 24 вести.
Дарко Димовски кој се уште не е впишан во централниот регистар како нов претседател, обвинува дека Митревски ги заострил притисоците врз синдикалците. Спорниот претседател на ССМ, Живко Митревски ги негира ваквите обвинувања и останува на ставот дека тој е легитимен претседател.
„Станува збор за чиста лага, очигледно дотичниот господин уште еднаш покажува дека не познава ништо од Синдикат. 13-те грански синдикати се автономни и самостојни како посебни субјекти. Тие 13 грански синдикати дале апсолутна поддршка кон легитимното раководство избрано на Конгрес.“ – вели Митревски за 24 вести.
Митревски беше сменет откако ја потпиша декларацијата со владејачката партија која дел од синдикалците ја протолкуваа како ставање на синдикатите во функција на политичка партија.