Морнар славеше против МЗТ Скопје во кошаркарската драма во Бар во рамки на 13. коло во АБА лигата. Црногорскиот состав ги совлада „металците“ со 65:64 (по четвртини: 17:13, 20:16, 19:16, 9:19) за четврта победа во сезоната во јадранската конкуренција колку што има и македонскиот првак. Реализацијата на Ламонт Џонс во завршните секунди за 65:63 се покажа решавачка за победникот во средбата.
Составот на Назор имаше две прилики за израмнување во финишот и, во најмала рака, да го одведе мечот во продолженија, но Дреновац најпрво беше непрецизен за два поена, а потоа и Шарлон Клоф погоди само едно слободно фрлање на 0,7 секунди до крајот.
Морнар и МЗТ Скопје беа очајни во ударите за три поени. Домашните погодија трипати од 11 обиди, а „сино-беллите“ од СЦ „Јане Сандански“ само еднаш од 12 шута. Клоф и Лалиќ беа најефикасни на средбата. Холанѓанецот и Хрватот постигнаа по 14 поени, двоцифрен кај „металците“ беше уште Дреновац (10) колку што уфрли и Џонс за победничката екипа во чии редови Волер беше прв стрелец со 11 коша.
МЗТ Скопје во наредното коло ја дочекува Црвена звезда.