Есма во раскошен црвен фустан, Влатко Лозановски без очилата кои беа дел од неговиот имиџ настапија во втората полуфинална вечер на изборот за песна на Евровизија, кое се одржува во Малме, Шведска.
Македонските претставници настапија трети. Лозано пееше на македонски, а Есма на ромски јазик и ова е првпат во историјата на Евросонг да се пее на ромски јазик.
За пласман во финале на 18 мај, освен Есма и Лозано од Македонија, ќе се натпреваруваат претставниците од Летонија, Сан Марино, Азербејџан, Финска, Малта, Бугарија, Исланд, Грција, Израел, Ерменија, Унгарија, Норвешка, Албанија, Грузија, Швајцарија и Романија.
Десетте финалисти ќе ги избере рамноправно публиката и жирито, а оваа година дојде до промени во начинот на гласањето, така што сега ќе се оценуваат сите натпреварувачки песни, наместо поранешните правила кога бодовите од 1 до 12 се доделуваа само за десет најдобри песни според мислењето на публиката и жирито.