Џанфранко Ѕола е нов менаџер на Бирмингам, клуб што моментно се натпреварува во англиската Втора лига или популарниот Чемпионшип. Некогашниот фудбалер на Челзи доаѓа на „Сент Ендрјуз“ како замена за Гери Роуел кој доби отказ од раководството на клубот.
Менаџерската функција не е непозната за Италијанецот. Досега ги водеше Вест Хем и Вотфорд, а во летниот период беше кандидат за кормилото на премиерлигашот Хал сити. Екс играчот на Парма и „сините“ од „Стемфорд бриџ“, сепак, се реши да ја прифати понудата на Бирмингам иако до пред еден месец се вбројуваше меѓу можните решенија за клупата на Интер.
Бирмингам е на седмата позиција на табелата со 34 бода од 21 одигран натпревар. „Сините“ од „Сент Ендрјуз“ синоќа, како домаќини го совладаа Ипсвич со 2:1. Во сабота, исто така, ќе играат пред своите гледачи против Брајтон кога се очекува да дебитира Ѕола.