Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека поседувал информации кои другите ги немаат во однос на сајбер-нападите за време на претседателските избори, и дека ќе ги открие неделава.
„Може да е некој друг. Исто така знам работи кои другите не ги знаат, и затоа не можат тие да бидат сигурни (дека Русија е виновна)“, изјави Трамп, дополнувајќи дека во вторник или среда ќе ги соопштел информациите.
Доналд Трамп организираше брифинг со највисоките претставници на американските разузнавачки служби откако актуелниот претседател Барак Обама избрка 35 руски оперативци.
„Знам многу за хакирањето, и хакирањето е многу тешко да се докаже“, потенцираше Трамп пред почетокот на прославата за Нова Година на еден од своите имоти.
Новиот претседател на Америка, кој ја презема Овалната соба во јануари годинава, постојано негираше дека Русија се вмешала во американските избори со тоа што ги хакирала електронските пораки на Хилари Клинтон и нејзината партија – ДНК.
Трамп исто така неделава по случувањата, го опиша Владимир Путин како паметен, бидејќи не вратил со истата мерка кон САД, бркајќи 35 американски дипломати.




