Еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија, Мики Јевремовиќ, почина денеска во болница во Белград. Јевремовиќ, кој на 27 декември имаше тежок мозочен удар неколку дена беше во кома.
Милорад Мики Јевремовиќ е роден во Белград на 27 март 1941 година. Беше најпопуларен во текот на 60-те и 70-те години на минатиот век. Почетокот на кариерата го обележа со хитовите „Мама“ и „Осумнаесет жолти дуњи“. Подоцна публиката ја освои со песната „Ако некогаш ја видиш Марија“.
Мики најмногу воодушевуваше при неговите настапи на фестивалите во бивша Југославија. Најверен беше на Сплитскиот фестивал, а запеа и на Загребфест, Опатија, Ваш шлагер на сезоната и Белградска пролет.
Најпознати хитови на Јевремовиќ се: „Те губам“, „Јас сакам само малку мир“, „Црн куфер и гитара“, „Гркинка“, „Јована“ и многу други.