Три години по затворањето на Културниот центар Точка, утре, со почеток во 20 часот, во организација на Плоштад Слобода, Контрапункт и ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, на платото пред поранешниот културен центар (бул. Климент Охридски 15), ќе се одржи одбележување на тригодишнината од затворањето на Културниот центар Точка, кој беше отворен токму во овој период во 2002 година.
Ова е повод за мобилизација не само на независниот културен сектор туку и за критичко соочување на граѓаните, како и на носителите и креаторите на политики, со фактот дека во општеството постои голем број на актери кои го обликуваат социо-културниот простор без свој дом, номадски, без поддршка на централно и локално ниво. Прашањето е каква културна и социјална политика се води кога врвни творци од сферата на современата уметност и посветени културни работници се целосно маргинализирани и дејствуваат во девастиран јавен простор, кој е речиси непријателски настроен за содржините што ги создаваат.
Во изминатите години замреа сите независни простори од сферата на културата: Културниот центар Точка, Центарот за современи уметности, Прес ту егзит проектен простор, Т-Хаус, Место и Арт Институт. Македонија стана зона на самракот и единствена во регионот која не го осозна политичкото, социо-културното значење на ваквите вонинституцинални, самоорганизирани облици на дејствување.
„Да се создава и одржува еден независен културен центар, значи, воедно, да се создава и негува конструктивен отпор кој секогаш е двигателен и ефикасен модул со кој ќе се ангажираат и промовираат многу поединци и групи, кои никогаш не би можеле да дојдат до херметичните, „големи“, буџетски институции.
Искуството покажува дека независните културни центри се модел кој треба да се исползува за што поскора трансформација на јавните институции во областа на културата. Имено, гломазните, буџетски институции голтаат огромни средства во празно, а на содржински план речиси ништо не произведуваат. Независната културна сцена треба да ја добие својата видливост и преку просторното ситуирање а тоа е начин на полезно и конструктивно општествено дејствување кој едновремено е борба, игра, истражување на личните склоности и заедничките можности. Тоа е огромна одговорност токму заради предзнакот на „алтернативен“ модел и на содржинско и на организациско рамниште.
Доколку тоа не се случи тогаш со сигурност можеме да кажеме дека Македонија нема да најде интерес за постоење на независни институции во кои ќе се промовираат некои нови модели на самоорганизација и на интеракција со урбаните културни политики“, велат организаторите на настанот.
Во рамки на акцијата насловена „Секоја точка означува почеток!“, која е замислена како отворен форум, со куси пораки ќе земат учество Искра Гешоска (Културен центар Точка/Контрапункт), Никола Писарев (Центар за современи уметности), Христина Иваноска (ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ), Владимир Јанковски (Контрапункт/Културен центар Точка), Игор Тошевски (уметник), Ѓорѓе Јовановиќ (уметник), Елена Велјановска (Контрапункт, Културен центар Точка), Славица Чавдароска (Прва архи-бригада), Ивана Драгшиќ (Плоштад Слобода), Никола Гелевски (Темплум/Културен центар Точка), Филип Јовановски (АКТО/уметник), Роберт Алаѓозовски (Есперанца/Културен центар Точка), Распеани Скопјани, Ивана Васева (ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ), Јованка Попова (ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ), Кристина Леловац (Тиииит!).
Оваа активност е во рамките на проектот „Сосед чувар“ кој го имплементира Плоштад Слобода, поддржан од Фондацијата Отворено општество преку Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Проектот на УСАИД обезбедува поддршка за граѓанското општество за поттикнување демократски реформи и е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД)
ВИДЕО: Погледнете го документарниот филм „Приказна за пронаоѓањето“ за култната Точка