Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за овој случај, во кој лидерот на СДСМ Зоран Заев е обвинет за примање поткуп како градоначалник на Струмица.
Судските рочишта за овој случај досега неколку пати беа одложувани.
На минатото рочиште одбраната побара изземање на обвинителот Владимир Милошевски од овој случај, бидејќи, како што рекоа, СЈО има предистражни дејствија за монтирање на случајот против Заев.
Јавното обвинителство за организиран криминал го одби барањето, а СЈО во соопштение појасни дека конкретно против обвинителот Милошевски не води постапка, но дека отворило постапка за истражување на сомневања за монтирање случај против Заев.
Заев и неговите адвокати бараа изземање на Милошевски, бидејќи, според нив, од политички мотиви тој е учесник во злосторничко здружување за да се монтира случајот „Поткуп“. Одбраната се сомнева дeкa токму Милошевски ја дал снимката од кабинетот на градоначалникот од која се гледа дека Зоран Заев од струмички бизнисмен наводно бара пари како противуслуга за издавање дозвола за градба.