Сите треба да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на државата, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети по денешните консултации со претседателот Ѓорге Иванов. Ахмети нагласи дека сите опции за формирање нова Влада се отворени.
„Имавме средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов на која бевме информирани за целиот процес на доаѓањето до едно решение на нашите прашања и како да стигнеме до парламентарно мнозинство бидејќи одговорност на сите нас е да изнајдеме прифатливо решение за да имаме стабилни институции и понатаму да менаџираме со државата“, изјави Ахмети по средбата со претседателот Иванов.
Ахмети рече дека на средбата со Иванов станало збор и за политичката ситуација во регионот и пошироко.
„Ситуацијата не е толку добра за да можеме комотно да живееме и да останеме во земјава, туку треба заеднички да се ангажираме за да ги изградиме институциите и да превземеме одговорност и да се соочиме во иднината со било каква криза која може да ни се случи и во регионот и поширокко“, рече Ахмети.
Прашан како ќе се однесува ДУИ деновиве бидејќи кај нив е клучот за парламентарното мнозинство, Ахмети изјави дека кај ДУИ бил клучот, но веќе го префрлил него кај претседателот Иванов.
„Каде претседателот ќе го однесе клучот е на него. Јас ја имав бомбата да кажам симболично и ја фрлив кај претседателот. Сега не знам каде ќе ја фрли тој„ рече Ахмети.
Прашан дали ќе се обиде да преговара со лидерот на СДСМ Зоран Заев за формирање ново парламентарно мнозинство, Ахмети рече дека ДУИ и претходно четири дена заседавала и ги разгледувала сите опции.
„ Разговаравме за сите опции, разговаравме на маса и сите аргументи се уште не се искористени, истрошени. Од утре и во следните денови ние ќе продолжиме со консултациите во партијата и ќе продолжиме со анализирање и разгледување на сите опции. Но, би сакал да кажам дека имаме силна волја за изнаоѓање решение за да ги вратиме работите на своето место во интерес на стабилноста и засилувањето на државата. Пред нашите партиски интереси ги ставивме интересите на граѓаните и на државата“, потенцира Ахмети.
Тој нагласи дека за ДУИ е прифатливо барањето на меѓународната заедница за создавање широка коалиција во Македонија и дека сите опции се отворени.