Асоцијацијата на активисти за права на животните „ААПЖ “ бара директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски итно да си поднесе оставка поради ширење лажни информации дека во Македонија се регистрирани мачки заразени од беснило.
Освен оставка тие бараат Рунтевски јавно да им се извини на граѓаните за дезинформациите и паниката која настана по информацијата дека во државата има беснило кај мачките.
-Апелираме до сите надлежни институции професионално да си ја вршат работата и да не истрчуваат со информации кои им штетат и на граѓаните и на животните. Доколку сега стационарот Вардариште не им ги врати на граѓаните маалските кучиња кои тие секојдневно си ги бараат назад, а беа собрани поради наводна проверка за беснило, уште еднаш ќе се отвори прашањето за начинот на работата на овој стационар – дали таму се убиваат сите кучиња што ќе бидат заловени или само агресивните и болните, како што налага законот велат во писмената реакција ААПЖ.
Ваквата реакција на Асоцијацијата доаѓа по изјавата на Рунтевски дека резултатите од лабораторијата во Франција кои стигнале доцна синоќа покажале дека во Македонија нема беснило, а конечниот извештај во четврток или петок само официјално ќе го потврди резултатот.
-Јавно ги прашуваме директорот Рунтевски и Министерството за здравство, како сега ќе ја стивнат паниката која настана меѓу граѓаните? Како ќе го оправдаат масовното заловување на третираните маалски животни кои завршија во стационарот Вардариште заради проверка од беснило, а во меѓувреме им се изгуби секаков траг ? Дали во оваа држава важат професионалните стандарди за испитување на болести и за одржување прес-конференци за клучни прашања кои излезе дека се непроверни велат во ААПЖ.
Здруженијата за заштита на животните уште на почетокот тврдеа дека е спротивно на сите меѓународни протоколи да се прогласи беснило само врз база на направени испитувања со флуоресценција. Агенцијата за храна и ветеринарство заедно со Министерството за здравство пред две недели соопштија дека во населбата Радишани е откриено беснило кај мачка без да ги почекаат резултатите од акредитираната лабораторија, а се базираа повеќе според клиничката слика и однесувањето на мачката.