Еврокомесарот Јоханес Хан по пристигнувањето во Скопје, првата средба денеска ќе ја оствари со техничкиот премиер, Емил Димитриев, а потоа ќе присуствува на состанок на министрите за енергетика од Западен Балкан и на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан.
Во агендата на Хан предвидени се средби и со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со вицепремиерот Владимир Пешевски, по што тројцата ќе одржат заедничка прес-конференција во 12.45 часот.
Еврокомесарот, кој во Македонија доаѓа првпат после предвремените парламентарни избори, се очекува да има одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците, а на кои средби тие ќе разговараат за постизборниот период, актуелната политичка ситуација во земјата и за разговорите за формирање влада.
Хан неодамна порача дека очекува во Македонија брзо да се формира влада, поддржана од широко парламентарно мнозинство, која ќе ги спроведе итните реформи со што ќе се отворат европските перспективи за земјата.