Ен Карсон, канадска поетеса, есеистка и преведувачка, е добитничка на Нобеловата награда за литература за 2026 година, објави Шведската академија.
Карсон е само 19-тата жена што го добива ова признание. Таа ја доби Нобеловата награда „поради нејзиниот смел и инвентивен опус кој, во разигран дијалог со класичната традиција, создаде нови форми на современа литература“, се вели во образложението.
„Нокс“ е незаборавно дело на 76-годишната Ен Карсон, истакнаа од Академијата.
Објавено во 2010 година, делото е напишано во спомен на нејзиниот брат Мајкл, кој во 1978 година го напуштил семејството, а починал во Копенхаген, Данска, во 2000 година. Длабоко чувство на загуба е опипливо во делото.
Нејзините дела се пофалени и затоа што често ги преминуваат границите на поезијата, фикцијата и науката.
Карсон е преведувачка на античка грчка литература и професорка по класични студии со повеќедеценисна академска кариера.
Ингрид Карлберг, постојана секретарка на Шведската академија, изјави дека веста ѝ ја соопштила на добитничката по телефон кратко пред јавното соопштување.
„Таа имаше време да ми каже дека моментално е во Исланд, каде што го слуша ветерот“, рече Карлберг.
„Беше изненадена, но многу среќна. Можев да го чујам тоа во нејзиниот глас.“
Минатата година, Нобеловата награда му беше доделена на унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи. Наградата се доделува од 1901 година, а четири пати била поделена меѓу двајца писатели. Последната жена што ја доби наградата пред Карсон беше Хан Канг од Јужна Кореја во 2024 година.
Во постојаното барање нови значења на зборовите, досадата е нејзин најголем непријател
Ен Карсон е родена во 1950 година во Торонто, Канада. Таа ја завршила својата докторска дисертација „Odi et Amo Ergo Sum“ во 1981 година на Универзитетот во Торонто.
Речиси целото нејзино литературно творештво е центрирано на пресекот помеѓу филолошката опсесија со зборовите и желбата за ново значење.
Таа објави голем број важни дела во текот на 1990-тите. Меѓу нив е и „Есејот за стаклото“ во збирката „Стакло, иронија и Бог“ (Glass, Irony, and God) од 1995 година.
Во 1998 година, таа ја објави „Автобиографијата на црвеното“. Тоа е роман во стихови, честопати прогласуван за нејзино најзначајно дело. Според Шведската академија, Карсон ја идентификувала етимологијата на зборовите како почетна точка за своето творештво.
Карсон еднаш ја опиша здодевноста како свој најголем непријател. Се соочи со досадата во своите дела со остар хумор и духовитост.
Годинава, освен за литература, досега лауреати се одредени за медицина, физика и хемија.
Нобеловата награда за литература вообичаено се доделува за целокупното книжевно творештво и се смета за најпрестижна награда во светската литература. Лауреатот добива 12 милиони шведски круни (околу 1,1 милион евра).
Љубомир Костовски / ЦИВИЛ МЕДИА




