Новиот претседател на Германија, Френк Валтер Штајнмајер, кој претходно беше министер за надворешни работи на оваа земја, во изминатиот период имаше многу активности поврзани со македонската политичка криза. Тој индиректно, преку својот специјално назначен претставник Јоханес Хајндл беше инволвиран во разрешувањето на политичката криза во земјава. Повеќе пати праќал јасни пораки на загриженост за состојбите, но и апели да се спроведат реформите и обврските од Договорот од Пржино и препораките од извештајот на Прибе.
Еден ден по изборите во земјава, Штајнмајер порача дека СЈО мора непречено да продолжи со својата работа во земјава заради откривање и казнување на злоупотребите на власта и службената положба.
„Изборите се важен чекор за решавање на долготрајната политичка криза во земјата. ОБСЕ, кој процесот од почеток го следеше со бројни изборни набљудувачи и опсежна техничка поддршка, во целина зборува за мирен изборен тек.
Сега е важно брзо да се формира влада, која својот мандат ќе го користи за забрзување на итните реформи. Во областа на правната држава и судството, јавната управа, како и во слободата на медиумите и мислењето, на земјата ѝ се потребни брзи и убедливи резултати. Специјалното јавно обвинителство мора да може и натаму да работи непречено во откривањето и казнувањето на злоупотребите на власта и службената положба.
Ова е предуслов за граѓаните повторно да стекнат доверба во институциите на својата држава. Само на таков начин ќе се овозможи забрзување на евроатлантските интеграции на земјата“, гласеше неговата изјава.
Штајнмајер како шеф на германската дипломатија во една прилика пред Бундестагот изјави дека со силна загриженост ја следи состојбата во Македонија.
Тој за кризата разговарал и со еврокомесарот Јоханес Хан.
„Назадувањето не е исклучено, доколку политички одговорните не ја оправдаат својата одговорност. Минатата седмица се чинеше дека е постигнат исчекор нанапред, дека за блиска иднина е поплочен патот до новите избори“, изјави Штајнмајер во јуни 2015-та.
Како свој специјален претставник во земјава тој го назначи Јоханес Хајндл, кој директно беше инволвиран во преговорите во Пржино помеѓу македонските партии.
Шрајнмајер упати остри критики до претседателот Ѓорѓе Иванов кога тој ја донесе одлуката за општа аболиција на политичарите кои се осомничени во предметите на СЈО за евентуалните кривични дела кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори.
Според него, одлуката на Иванов му нанела штета на Договорот од Пржино но и на „стандардите на правната држава и правниот мир“.
Тој тогаш оцени дека одлуката на македонскиот претседател ја поткопува работата на Обвинителството и неговата задача да ги истражи сите обвинувања за злоупотреба на власта.
„Се надевам дека во Македонија постои реалистичен поглед на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајните конфликти многу ќе го отежнат патот кон ЕУ и НАТО. Жално е што завојуваните партии ги блокираат обидите за посредување од страна на ЕУ“, изјави Штајнмајер.
Новиот претседател на Германија, освен како залагач за реформи во Македонија е добар познавач и на останатите предизвици со кои се соочува земјава, како спорот за името.
Тој претходно изјавувал дека спорот помеѓу Македонија и Грција не може да се реши набрзина.
„Ние од различни страни го поддржуваме меѓународното посредништво да се изнајде решение во оваа ‘борба’ меѓу Грција и Македонија. Ако сме присилени да најдеме одржливо решение за економската ситуација во Грција, треба да се најде и пат за решавање и на другите прашања. Но, не верувајте во изјавите за можниот успех во текот на наредниве две или четири седмици.
Ни треба време и понекогаш поголема одговорност во земјите членки. Ние немаме шанса да наредиме, да наметнеме некакви решенија во Европската унија! Понекогаш е тешко партнерите да се убедат, но тоа е единствениот пат да се оди напред. Притисокот и брзањето понекогаш се потребни, но токму во последниве пет-шест години, во овој случај ( спорот со името н.з.) се покажа дека не беа успешни“, изјавува Штајнмајер.
Штајнмајер кој е член на Социјалдемократската партија на Германија ќе го замени Јоаким Гаук кому мандатот му истекува на 18 март.
Претседателот се бира во Парламентот, а за Штајнмаер гласале мнозинството пратеници. Меѓу првите кои му ја честитаа победата е Ангела Меркел. Тој беше заеднички кандидат на коалицијата СДУ/ЦСУ и СДП.




