Франк Валтер Штајнмаер денеска е избран за нов претседател на Германија. Штајнмаер, до неодамна шеф на германската дипломатија, на ова место ќе го замени Јоаким Гаук кому мандатот му истекува на 18 март.
Претседателот се бира во Парламентот, а за Штајнмаер гласале мнозинството пратеници. Меѓу првите кои му ја честитаа победата е Ангела Меркел. Тој беше заеднички кандидат на коалицијата СДУ/ЦСУ и СДП.
Денешниот претседател на Германија не владее, тој само ја претставува земјата. Во државничките посети во странство тој е „ликот и гласот“ на Германија.
На внатрешен план тој го симболизира единството на државата, како што тоа го потврдил Сојузниот уставен суд во 2014 година. За да гарантира единство, претседателот мора да делува непристрасно, а во своите говори да изразува став кој се огледува во вредностите на германскиот Устав. Затоа германскиот претседател за време на мандатот го замрзнува членството во партијата.
Во државните структури на моќта вградена е и функцијата претседател, освен во извршната, судската и парламентарната. Затоа, оној кој е на оваа функција може и вон политичкото секојдневие да дава имплус за натамошен развој на демократијата и правната држава.
Функцијата на германскиот претседател има важна улога во кризните ситуации. Во тоа се вбројува и тоа дека претседателот може да распише нови избори, доколку се случи сојузниот канцелар кој тогаш е на власт да ја изгуби поддршката во Парламентот.
Претседателот на Парламентот му го предлага канцеларот, именува и разрешува министри како и сојузни судии, високи државни функционери и воени лица.
Исто така должност на германскиот претседател се и покровителства на различни манифестации, како и уредување на државните акти. Прима агремани и за амбасадорите од други држави.
Претседателот на Германија е поглавар на државата, но не и најмоќниот човек во земјата. Неговата функција и задачи се значително намалени поради искуството од нацистичка Германија.
Никогаш повеќе највисокиот претставник на Германија нема да ја има сета моќ во рацете – тоа е разликата меѓу функцијата претседател на СР Германија и неговите претходници во Вајмарската Република (1918-1933) кои имале функција на „заменик цар“ за на крајот сета моќ во државата биде префрлена на Адолф Хитлер, пишува Дојче Веле.




