ДУИ добила писмен документ и од ВМРО-ДПМНЕ, како што добила и од СДСМ за време на преговарачкиот процес и истиот бил прочитан пред централното претседателство на партијата, изјави за Телма, Рафиз Алити од оваа партија.
Во документот била наведена и распределбата на министерски места помеѓу партиите во евентуалниот состав на идната влада.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ се согласиле со сите барања од Платформата на албанските партии, освен со продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство. Според Алити, токму продолжувањето на мандатот на оваа институција било главна пречка двете партии да не можат да се договорат за владина коалиција.
Во меѓувреме и СДСМ чека одговор од ДУИ, откако тие доставија документ до оваа партија во преговарачкиот процес за влада.
На денешната прес-конференција, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање што содржи документот на СДСМ испратен до ДУИ, рече дека истиот е доволно добар за да ги обезбеди потписите за добивање на мандат за состав на Владата.
Тој информираше дека за сега немаат повратен одговор но дека истиот ќе значи потписи за состав на Владата.
Во однос на комуникацијата на релација ДУИ-СДСМ, Шилегов изјави дека засега лидерите на двете партии разговараат неформално, преку телефонски јавувања.
– Очекуваме дека предлог документот којшто го доставивме до ДУИ, ќе обезбеди истите да ги дадат потписите за добивањето на мандат состав на Владата на Република Македонија, порача портпаролот на СДСМ.