Зекири за настанот го обвинува Мијалков, Мијалков, пак, демантира
Мухамед Заекири, пратеник од СДСМ тврди дека синоќа во скопско кафуле бил нападнат од обезбедувањето на Сашо Мијалков, поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Мијалков, пак, преку соопштение испраратено од ВМРО-ДПМНЕ ги демантира овие информации.
Зекири за медиумите изјави дека додека тој со пријатели бил во кафуле во Градскиот трговски центар дошло едно лице и им рекло да го напуштат веднаш локалот бидејќи имало приватна забава.
„Се обидов на лицето да му објаснам дека имаме резервирано маса но тој ја преврте. Потоа почнаа со туркање да ме вадат надвор, а забележав дека во локалот е Мијалков. Едно од лицата извади полициска значка, а друг од позади ме удри. Јас и пријателите излеговме и случајот го пријавив во полиција“, изјави за Либертас Зекири.
Потоа на својот профил на Фејсбук Зекири напиша дека и по неколку часови поминати во полициската станица Беко не успеал да даде изјава затоа што дежурниот полицаец се плашел да ја напише неговата изјава затоа што во неа се спомнувало името на Мијалков.
Поранешниот шеф на тајната полиција преку соопштение го негираше овој случај и најави тужба доколку Зекири не се извини.
„Изјавата што ја дал Мухамед Зекири е целосна лага и клевета и најостро ги демантирам манипулациите дека некој од моето обезбедување го нападнал. Доколку во најкус можен рок не се извини, против него и против медиумите кои шират вакви дезинформации ќе следуваат тужби“, пишува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува во реакцијата на Мијалков.
Настанот е заведен и во билтенот на Министерството за внатрешни работи.
„На 19.02.2017 година во 01.10 часот во ЕИК Скопје, од Ургентен центар „Мајка Тереза“, било пријавено дека кај нив дошло лицето М.З. со повреди, а по негово кажување повредите биле здобиени од физички напад во угостителски објект од страна на непознато лице. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот“, пишува во билтенот на МВР.