Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, не дојде на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2, туку во негово име се појавија неговите тројца адвокати. На судењето не присуствуваше ни тужителот, Горан Стаменковски, кој го тужи Панчевски за мобинг.
Судењето се одложи за 16 март, бидејќи адвокатите на тужителот Стаменковски денеска добија писмен одговор на тужба од адвокатите на Панчевски.
Според застапниците на Стаменковски, ова претставува уште еден обид на тужениот да ја одолговлекува постапката, дополнувајќи дека и покрај постапката за мобинг, Стаменковски бил повторно казнет со суспензија, што според нив претставува притисок.
Адвокатот на Панчевски пак, Митко Солаков рече дека тужбата е беспредметна и нема никакви правни основи за мобинг.
Според него, целата постапка претствува мобинг за Панчевски со цел нарушување на неговиот углед како поранешен претседател и претендент за нов мандат како прв човек на Кривичниот суд.
Горан Стаменковски, вработен во одделението за човечки ресурси во Кривичниот суд поднесе тужба за мобинг против Панчевски. Според тужбата, претседателот на Судот подолг временски период го прераспоредувал Стаменковски на други работни позиции и го казнувал. Тужителот морал и да исполни норма која не постои во праксата на судот, се наведува во тужбата.
Оваа тужба на Стаменковски предизвика и тужби во спротивен правец, од Панчевски до Стаменковски, а сегашната в.д. претседателка на судот судијката Татјана Михајлова поднела и дисциплинска постапка против вработениот раководителот на одделението за човечки ресурси.
На Стаменковски му се заканува суспендирање и отстранување од работното место сѐ до завршување на дисциплинската постапка.