Партизан во Скопје славеше против дебитантот во регионалното кошаркарско натреварување со 84:77
Карпош Соколи по стапките на МЗТ Скопје Аеродром кога е во прашање настапот во АБА лигата. Дебитантот во регионалното натпреварување вечерва го доживеа четвртиот пораз и заедно со македонскиот шампион се последни во „јадранското“ друштво. Партизан, во меч што заврши пред малку во СЦ „Борис Трајковски“ го совлада Карпош Соколи со 84:77.
Резултатот по четвртини гласеше 22:20, 20:21, 20:20, 22:16. Најефикасен на средбата беше играчот на „црно-белите“, Хечер со 21 поен. „Соколите“ се прикажаа во добро светло и успеаја да му парираат на фаворитот во три периоди. Попуштија во последниот што беше и клучен за победникот.
Дури пет кошаркари во домашниот состав забележаа двоцифрен кош ефект. Зековиќ и Лабовиќ постигнаа по 15 поени, Пери 14, Вркиќ 11 и Дувњак 10. Ако е за некаква утеха, Кенрдик Пери е прогласен за МВП на мечот. Карпош Соколи во петтото коло (сабота/17 ч.) гостува на Цибона, МЗТ Скопје Аеродром (недела/19 ч.) ќе патува на мегдан на Задар.