Карпош С. триумфира над МЗТ Скопје со 77:74 во македонското дерби во 19 рунда во АБА лигата. Градската пресметка во Скопје донесе вистинска драма во која победникот беше одлучен буквално во завршницата.
Пресудија двете тројки на „соколите“ (Вркиќ и Мавра) во последните две минути за нивна седма радост во серија на домашен терен и седма вкупно во регионалното натпреварување. „Металците“, пак, остануваат на петте досегашни и го забележаа 14 пораз.
Две четвртини од средбата завршија без победник. Во втората беше 17:17, во последната 28:28. Првата ја добија гостите од СЦ „Јане Сандански“ со 14:17, третата им припадна на домашните со 18:12.
Јуре Лалиќ, член на македонскиот првак, беше најефикасен на натпреварот со 22 поена, Ѓорѓе Дреновац додаде 19. Листата на стрелци во составот на Драган Николиќ ја предводеше Мавра со 19 поени, Трајовски уфрли 17 и го понесе епитетот МВП.
Во наредното коло МЗТ Скопје ќе биде домаќин на Мега Лекс, а Карпош Соколи ќе патува во Љубљана на дуел со Олимпија.