МЗТ Скопје го запиша четвртиот пораз во низа во АБА лигата и четврти од Цедевита во оваа сезона вклучувајќи ги и двата во Еврокупот. Mакедонскиот првак загуби во СЦ „Јане Сандански“ од хрватскиот со убедливи 79:100 (21:22, 15:31, 25:25, 18:22). Резултатот по четвртини доволно говори за текот на средбата. Неизвесноста исчезна во вториот период што гостите од Загреб го добија со 16 разлика и во наредните два рутински ја одработија задачата.
Џош Скот со 23 поени беше најефикасен во мечот, Темс додаде 18 за домашните. Џејмс со 21 поен и Ботрајт со 18 ја предводеа екипата на Цедевита која вечерва ја забележа и десеттата победа во низа против МЗТ Скопје. Последните победи на „металците“ против лигашот од Загреб датираат од сезоната 2012/13 кога во Скопје беше 74:61, а на гости 78:80.