Карпош С. го доживеа 11 пораз во АБА лигата. Игокеа во Лакташи ги совлада „соколите“ на Драган Николиќ со 79:71 (по четвртини: 23:16, 27:18, 16:13, 13:24) во премиерниот меч од 15 коло во регионалното кошаркарско натпреварување.
Победникот беше решен уште во првото полувреме, дилемите што останаа за продолжението се однесуваа единствено на разликата со која домашните ќе слават на крајот. Три четвртини беа подобар противник на теренот додека дебитантот мака мачеше со реализацијата и особено ударите за три поени. Игокеа во последната го намали темпото, убедливата предност доведе до опуштање што Карпош Соколи го искористи за ублажување на негативата и правање на поразот да биде поднослив и со едноцифрен минус.
Миќовиќ со 20 поени, Махкович со 13 и Фортенбери со 12 беа најефикасни во осмата победа во сезоната на Игокеа. Пери реализира 17 и Трајковски 16 за поразената екипа која во наредното коло ќе игра во Скопје против тимот на Морнар.