Цедевита е прв финалист во АБА лигата. Тимот од Загреб славеше во мајсторката против Партизан со 87:78 и со вкупни 2:1 ја доби полуфиналната серија „подобар од три“ што мина без брејк. Хрватскиот претставник триумфира во првата средба со 83:76, белграѓани возвратија во втората со 74:73.
Составот на Вељко Мршиќ водеше од почеток до крај во третата пресметка со Партизан и заслужено ќе разигрува за титулата во регионалното кошаркарско натпреварување. Најефикасни кај Цедевита беа Муса и Билан кои постигнаа по 16 поени колку и Хачер за „црно-белите“.
Противник на Цедевита во финалето ќе биде победникот од полуфиналето меѓу Црвена звезда и Будуќност. Резултатот во српско-црногорскиот кошаркарски судир е израмнет (1:1), одлучувачките 40 минути ќе се одиграат на 4 април (вторник) во Белград. Шест дена подоцна (10 април) е закажан и првиот натпревар од финална серија.