Црвена звезда останува единствена непоразена екипа во АБА лигата и по 14 коло. Белграѓани славеа против МЗТ Скопје во СЦ „Јане Сандански“ со 93:73 (по четвртини: 21:16, 22:19, 30:15, 20:23). „Црвено-белите“ се лидери на табелата со четири победи повеќе од Партизан и од Будуќност, за „металците“, пак, е втор пораз во низа по кој остануваат во опасната зона.
Кошаркарите на МЗТ Скопје успеваа, резултатски, да бидат блиску до фаворизираните гости до средина на третиот период. По 46:54 во 26 минута, Црвена звезда направи серија од 19:2 и во последниот период од натпреварот влезе со 73:48. Најзабележителен беше Стефан Јовиќ кој впиша дабл-дабл ефект (11 поени и 10 асистенции) што го збогати по два скока и украдени топки.
Џош Скот со 21 поен беше прв стрелец во мечот, Лалиќ додаде 15 за македонскиот шампион, а Клоф 12. Дангубиќ со 16 коша ги предводеше гостите од Белград.