Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД, кои се одржуваат во Абу Даби, со цел изнаоѓање решение за војната меѓу Украина и Русија.
Информацијата ја потврди Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умјеров, јавува „Украинска правда“.
Преговорите се завршени за денес, изјави Давитјан, додавајќи дека разговорите ќе продолжат во четврток, на 5 февруари.
Во составот на украинската делегација се Умјеров, шефот на военото разузнавање Кирил Буданов, заменикот на шефот на претседателската администрација Сергеј Кислица, пратеникот Давид Арахамија, началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, како и советникот на претседателската администрација Александар Бевз.
Умјеров најави и билатерален состанок со американската делегација, во која се Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На средбата ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и таканаречен „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по серијата масовни руски напади врз Украина. По тие напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена на новонастанатата безбедносна состојба.




