Разговорите во Абу Даби се први директни трилатерални контакти меѓу Русија, Украина и САД од почетокот на војната. Средбата се гледа како тест дали Москва е подготвена за вистински мировен процес или станува збор за одолговлекување.
Руски, украински и американски преговарачи денеска се собраа во Абу Даби, каде што ги започнаа првите трилатерални разговори од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, пренесе .
Средбата се смета за клучен момент за Украина и можност да се покаже дали Москва навистина е подготвена за мировен процес или само се обидува да добие на време.
Разговорите следуваат по неодамнешната средба на рускиот претседател Владимир Путин со пратениците на американскиот претседател Доналд Трамп во Москва, кои Кремљ ги опиша како „корисни“, но и „многу отворени“.
Москва соопшти дека ќе го испрати адмиралот Игор Костјуков да предводи тим од високи функционери на Министерството за одбрана.
Во американската делегација се двајца претставници на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои дојдоа во Абу Даби од Москва по синоќешната средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски денеска потврди дека на средбата ќе се дискутира за контроверзното прашање за територијата на Донбас, објави Скај њуз.
Територијалните прашања остануваат спорна точка, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи под своја контрола.




