Жители на скопската општина Аеродром денеска пред поликлиниката се собраа во знак на протест против одлуката на Министерството за здравство, ова место да биде едно од четирите локации во главниот град каде ќе се подигнува терапија за зависниците кои се лекуваат, во рамки на програмата за дисперзија на дел од пациентите вклучени во Програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода.

-На ова место има црква, згради, градинки, училишта. Во паркот кај црквата ние до денес сме наоѓале шприцеви од дрога. Ние не сме против зависниците. Наместо да се градеа објекти кои ништо не значат, да се изградеа објекти на периферија и така да се решеше проблемот.

-И тие се нечии деца, и навистина е жално што се нашле во таква ситуација, но ним им се потребни центри, соодветни места за третман.

-Тоа ќе биде потресна слика. Ваквата одлука нема смисла. Не треба да се дискутира за ова, и министерот Филипче е свесен. Сите имаме деца и сите сакаме да ги заштитиме. Нема да дозволиме ова да се спроведе, изјавија денеска дел од учесниците на протестот, организирани од како што самите изјавија Граѓанска иницијатива – Гласот на Аеродром.

Денешниот протест е само продолжение на она што пред еден месец се случуваше во друга скопска општина Косела вода, каде жителите исто така со повеќедневни протести бараа дислокација на Центарот за лекување зависници кој се наоѓа во оваа општина, што од министерот за здравство Венко Филипче им била ветена еден месец претходно. Како причина за ваквите протести жителите наведуваа дека во околината на Центарот имало расфрлани шрицеви и игли кои биле опасност за децата кои живеат таму.

На тие протести, градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски тогаш изјави дека „местото не е соодветно место за болницата да биде тука“.

-Не е само проблем за граѓаните туку и за самите пациенти не е соодветна. Преголем број пациенти ја прави несоодветна за третман. Треба да се прифати да се најде решение и за ситни политички поени да не се прават протести во сите општини. Да се поттикнат институциите да најдат начин како да се откочи процесот, им порача тој на жителите на 19 јуни годинава.

Во меѓувреме, Министерството за здравство завчера соопшти дека се во тек подготовки за дисперзија на дел од пациентите вклучени во Програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода и оти тие ќе бидат распределени согласно со општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите.

Дисперзија ќе следи во општинските пунктови што се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населба Ченто и Бардовци и во Градската општа болница „8 Септември“ во Карпош.

-Сметаме дека одлуката е скандалозна, бидејќи објективно проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други три места. Тоа секојдневие кое го има во Кисела Вода ќе се префрли тука. Бараме одлуката да се повлече. Решението треба да го најде Филипче. Масовноста ќе се зголемува од ден на ден ако одлуката не се промени. Нема расположение ниту зависниците привремено да останат тука, изјави поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кој беше присутен на денешниот протест.

Случајот Тимјаник

Денешниот протест ги врати сеќавањата пред една година, кога жителите на селото Тимјаник кај Неготино протестираа против изградбата на Центар за ресоцијализација на деца со посебни потреби.

-И нашите деца покрај нив ќе станат нездрави…Ако фрлаат со камења по нашите деца ќе мора да ги тепам, а не смеам?…Тие деца не се здрави се соблекуваат голи и ќе излегуваат надвор да ги плашат нашите деца… Училиштето е во непосредна близина, а нашите деца не смеат да ги гледаат тие деца, тоа ќе биде стресно за нив…

Ова беа само дел од навредите, омаловажувањата и говорот на омраза кон дечињата за кои се подготвуваше малиот групен дом во Тимјаник, како спас од нехуманите услови во Заводот во Демир Капија и чекот напред кон изградбата на похумано општество.

Еден од жителите дури ја понуди својата нива надвор од местото, само овие дечиња да немаат контакт со нивните деца.

Дури и градоначалникот на општина Неготино, Тони Делков испратил писмо до премиерот Заев во кое му кажува дека не е добра идејата во Тимјаник да се гради ваков центар.

На еден од протестите на кои се појави и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која беше пречекана со многу свирежи, со обраќања на висок тон, со закани, а протестот беше под силно полициско обезбедување.

Но еден месец подоцна, ситуацијата доживеа пресврт: На 20 јули домот ги отвори вратите за четири дечиња и со тоа официјално започна со работа, откако претходно министерката Царовска и градоначалникот Делков се сретнаа со жителите што беше една сосема поинаква средба од претходната.

-Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање. Мило ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа, изјави тогаш Царовска.

Во Скопје постои приватен дисперзиран систем

Во Скопје има веќе воспоставен систем за лекување на наркозависници преку приватни психијатри. Освен во Центарот во Кисела Вода, лекување на болести на зависности долго време се спроведува на уште 6 локации. Две во јавно-здравствени установи и 4 приватни психијатриски ординации, од кои вкупно 3 во општина Центар, 2 во Аеродром и 1 во Карпош.

Децентрализираното лекување на болести на зависност е пракса која се применува во многу соседни и европски земји. На пример, во Белград лекувањето на зависности се спроведува на 8 локации (6 дневни центри за лекување и 2 болнички единици), а во Тирана на 4 локации (2 drop in центри и 2 болнички единици). Слична е и ситуацијата во сите европски земји каде лекувањето е уште повеќе децентрализирано, па терапија освен во специјализирани центри пациентите можат да добијат и од матични лекари (на пример, во Италија има над 981 локации на кои се овозможува лекување, во Германија 1094, Унгарија 22, Португалија 61, Франција 250, Белгија 42 и други земји.

Идејата од која се поаѓа во ваквиот ситем е дека овозможувањето на третман блиску до местото на живеење ќе го олесни секојдневниот живот на луѓето кои се лекуваат и ќе отвори простор за рехабилитација и ресоцијализација, што подразбира и пристап до можности за вработување кое е тешко изводливо ако пациентите треба да патуваат по неколку часа дневно за да го земат потребниот лек.