Лидерот на ДУИ Али Ахмети доцна синоќа во Њујорк се сретна со медијаторот во спорот за името Метју Нимиц.
Како што информираат ДУИ, Ахмети и Нимиц се сложиле дека сега е најдоброто време да се реши прашањето за името и дека политичарите треба со храброст да превземат значајни одлуки за да ја осигураат иднината на земјата.
Во соопштението стои и дека Нимиц му се заблагодарил на Ахмети за вредните совети како и за неговата поддршка во смисол на помагање на процесот, додека Ахмети упатил апел до меѓународната заедница за поголема поддршка кон процесот на посредувачот Нимиц.
Претходно, Ахмети во претставништвото на САД при организацијата на Обединетите Нации се сретнал со амбасадорката Розмари ди Карло.
Таа порачала дека земјава ја има американската поддршка за интеграцијата во НАТО, но и дека треба да се постигне компромис со Грција околу прашањето со името што ја држи Македонија далеку од евроатлантските структури, стои во соопштението од ДУИ.