– Решението за излез од кризата е кај македонските партии, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со поранешниот премиер и шеф на шведската дипломатија, Карл Билд.

На прашање дали е предвидено одржување лидерска средба, Ахмети рече дека нема никакви најави за одржување средба во таков формат.

Aхмети рече дека станува збор за шпекулации, во однос на информациите дека за време на Велигден требало да има средба со СДСМ и дека планирале во Собранието, без учество на ВМРО-ДПМНЕ, да изберат собраниски спикер.

-Тоа е тежок процес и треба внимателно да се однесуваме кон овој процес, но знаете дека Собранието деновиве не работеше поради празниците. ДУИ, како партија, досега направи сè и вложи многу напори за да се формира парламентарното мнозинство, но сега одлуката за излез од оваа ситуација и за продолжување на понатамошниот процес е кај големите македонски политички партии, рече Ахмети, додавајќи дека немаат ништо друго што би можеле да направат.