Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје вршат вонредна инспекциска контрола во мензата на Пивара Скопје, откако добиле известување од Центарот за јавно здравје дека неколку работници во скопската фабрика за производство на пиво и сокови се затруле со храна.
Целта на контролата, како што велат одАХВ, е утврдување на евентуалниот причинител на труењето.
Инспекциските служби ќе земат мостри од храната што се подготвувала/послужувала како оброк за вработените, како и брисеви од работните површини и од вработените во мензата.
-Причините за труењето ќе бидат утврдени со лабораториско испитување на земените мостри храна и брисевите, а резултатите од анализите ќе бидат познати за неколку дена, информира Агенцијата.
Пивара Скопје во врска со случајот, соопшти дека неколкумина вработени се пожалиле на стомачни тегоби, како и дека се преземени проверки за да се откријат можните причинители. Повеќе информации најавува по резултатите од надлежните институции.
– Потврдуваме дека неколкумина вработени во Пивара Скопје се имаат пожалено на стомачни тегоби. Состојбата на сите овие вработени ја следиме контиуирано и се надеваме дека тие наскоро ќе бидат добро. Веднаш по појавата на првите симптоми, Пивара Скопје и надворешниот добавувач на угостителски услуги, во соработка со надлежните државни институции – Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, ги презедоа сите неопходни чекори и проверки за да се откријат можните причини и да се изолира ваквата појава. Повеќе информации би биле во можност да споделиме откако ќе ги добиеме резултатите од надлежните институции, стои во соопштението.
Како што се додава, сите вработени во компанијата добиваат редовен оброк подготвен и дистрибуиран од страна на надворешен добавувач.