Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека нема потреба косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи, да доаѓа во посета на Србија.
Изјавата на Дачиќ доаѓа откако невладината организација „Амбасадори на мирот“ го поканила Тачи да учествува на собир на кој се поканети министрите за надворешни работи на четири балкански земји.
Дачиќ вели дека тој нема да учествува на овој собир, така што не е потребно Тачи да доаѓа во Белград.
Изјава на тема “Тачи“ денеска даде и српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ кој рече дека во Србија има потерница по Тачи која е на сила и дека може да биде уапсен ако ја помине границата.
„Истрагата за Тачи е во прекин, бидејќи е недостапен за српските истражни органи. Централата на Интерпол ја стопирала важноста на потерницата по Тачи во други земји со објаснување дека станува збор за највисоки косовски функционери. Меѓутоа, таа во Србија важи, така што ако дојде тука можеме да го уапсиме“, вели Вукчевиќ.




