Унгарија нема да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку влезе во земјата, изјави денеска шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, појаснувајќи дека за тоа нема правна основа. Унгарија го потпиша и ратификуваше Римскиот статут за основање на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Тој суд во петокот издаде налог за апсење на Путин, обвинувајќи го за воено злосторство илегално депортирање на стотици деца од Украина.
На прашањето дали Путин ќе биде уапсен доколку дојде во Унгарија, Гергели Гуљаш рече дека Римскиот статут не е инкорпориран во унгарскиот правен систем. „Можеме да се повикаме на унгарскиот закон и врз основа на тоа не можеме да го уапсиме рускиот претседател бидејќи статутот на МКС не стапил на сила во Унгарија“, рече Гуљаш.
Тој, исто така, рече дека владата не зазела став за налогот за апсење на Путин. „Ваквите одлуки не се најсреќни бидејќи придонесуваат за понатамошна ескалација на конфликтот, а не за мир. Тоа е мое лично мислење“, додаде Гуљаш. Путин, кој е третиот претседател по кој Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење, најверојатно нема наскоро да заврши на суд. Но, тој може да биде уапсен и испратен во Хаг доколку отпатува кај која било земја членка на МКС.