Дебитантската поетска книга „Актите се кастрирани“ на Катерина Гогова го виде светлото на денот.  Збрирката поезија деновиве излезе од печат во издание на „Современост“ од Скопје.  Збирката вклучува 48 песни поделени на 4 циклуси и воведна песна.

Метонимија

Не носам дарови со кои ќе те поткупам
кога повеќе нема да ми се дише во тебе.

Незнајна нека е земјата која ќе ме вдоми
кога ќе прекинеш да му пркосиш на ова тело
кое ѝ се предава на гравитацијата.
Темна грутка за дамарите, нека ги сочуваат тајните,
натопена и светла за месото кога ќе се одвои од вистината.
Ова тело нема ниту дом, ниту татковина,
отуѓено е од сите твои ќошиња.
Нема адреса, очајно ги касапи корењата
кога ќе ги впие твоите сокови.

Свету, познавам едночудо талкачи кои ја спасија вечноста
кога те напуштија засекогаш.
Толку сум малечка.
Помогни ми да заборавам дека не постојам.

Катерина Гогова (1989, Дојран) е студент на Медицинскиот факултет и е дел од тимот на Здружението на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот, каде работи во програмата за намалување на штети кај корисници на дроги. Дел е и од неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“, која има за цел рециклирање и донирање храна на социјално загрозени категории граѓани.