Активистката за човекови права Амал Клуни ќе ја застапува затворената азербејџанска новинарка Хадија Исмаилова пред Европскиот суд за човекови права со Стразбур.
Адвокатот на Исмаилова, Фариз Намазли соопшти дека новинарката одлучила да ја прифати понудата на Клуни поради храброста што ја покажала бранејќи го новинарот на Ал Џезира Мохамед Фахми, кој беше затворен во Египет, во 2014 година.
Амал Клуни, сопругата на актерот Џорџ Клуни досега застапуваше неколку познати луѓе, како што се Џулијан Асанж и поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко.
Исмаилова беше осудена во септември минатата година на 7.5 години затвор, а активистите во светот сметаат дека тоа е директна одмазда на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, поради нејзините написи за богатството на Алиев и неговото семејство.



