Амазон објави дека планира да инвестира 7,5 милијарди новозеландски долари (5,3 милијарди американски долари) во изградба на нови центри за податоци во Нов Зеланд.

Веб сервисите на Амазон ќе изградат нови центри за податоци, што ќе резултира со отворање илјада нови работни места во следните 15 години, соопшти американскиот гигант.

– AWS поддржува илјадници организации низ Нов Зеланд во нивните напори да иновираат, успеат и да растат на глобално ниво. Возбудени сме што ќе изградиме нова инфраструктура од светска класа на локално ниво, ќе ги научиме Новозеланѓаните за потребните дигитални вештини и ќе продолжиме да им помагаме на локалните организации во креирање апликации што ја забрзуваат дигиталната трансформација и стимулираат економски раст, рече портпаролот на компанијата Прасад Калијанараман.

Проектот треба да им овозможи на корисниците да управуваат со нивните апликации и да обезбедат услуги за крајните корисници преку центрите за податоци лоцирани во Нов Зеланд.

Ова ќе создаде услови да се исполнат барањата на оние клиенти кои сакаат нивните податоци да останат во Нов Зеланд, рече Калјанараман.

Соопштението е поттик за дигиталниот сектор на Нов Зеланд и покажува доверба во економското закрепнување на Нов Зеланд, рече министерот за дигитална економија и комуникации Дејвид Кларк.

– Можеби сме мала островска нација, многу далеку од традиционалните пазари, но дигиталниот свет без граници постојано ни отвора нови иновативни економски можности. Ова е чекор напред за дигиталната зрелост на Нов Зеланд, бидејќи сите ние се` повеќе се прилагодуваме на светот што брзо се дигитализира, додаде Кларк.

AWS има мала канцеларија во Нов Зеланд од 2014 година, одвоена од онлајн продавницата на Амазон, која е достапна само за Новозеланѓаните преку Австралија, забележува агенцијата DPA.