Тешката состојба во Украина е тема во целиот свет, но напливот на вести за воените дејствија ги загуши вестите за обичниот човек кој најмногу страда при војна, за луѓето чии домови се разрушени, кои не можат да заработуваат за живот, чии деца седат во скривници наместо во училишните клупи. На таа тема разговаравме со амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук, која е во секојдневна комуникација со својата татковина.

Госпоѓа амбасадорке како сте? Ова интервју го правиме со цел македонската јавност да добие слика како им е на оние кои најмногу страдаат во Украина а за нив најмалку има вести, тоа се обичните граѓани, тие што не можат да одат на работа, не можат да заработуваат за живот, немаат пристап до своите домови. Па каква е состојбата меѓу народот на Украина?

-Сите нас, Украинците, во западна Украина, во источна Украина, на југ, на север и сите Украинци во странство не обединува тага, гнев кон непријателите и решеност да се бориме. И да ја видиме нашата земја слободна.

Безбедносната ситуација е различна во различни региони, војната се одвива насекаде, но има места каде што е најлошо – онаму, каде што не можат да излезат од подрумот со недели, каде што завршиле залихите со храна и вода, каде што има непрекинати бомбардирања, каде телата се расфрлани по улиците. Овде, додека украинската армија не ги ослободи, нема начин да им се помогне на луѓето, бидејќи руските окупатори не обезбедуваат „зелени“ коридори за бегалците, вклучително за испорака на храна и вода.

Има места каде што има гранатирање и опасност, но луѓето не можат само да седат дома. Штом завршува пукањето, тие излегуваат, се грижат за соседите, постарите, подготвуваат храна за војската. Има многу волонтери кои подготвуваат храна, ја доставуваат до луѓето.

Милиони луѓе се преместени во побезбедните западни региони на Украина. Украина им ја дава сета можна помош на таквите граѓани, обично по нивно обраќање во државните администрации, им се обезбедува медицинска и хуманитарна помош. Од голема помош се волонтерските и невладините организации кои создаваат центри за помош, вклучително сите регионални канцеларии на Каритас Украина, кои покрај оние региони каде што се одвиваат активни воени дејствија, работат и на обезбедување помош на внатрешно раселените лица и на лицата од ранливите категории.

Како е Вашето потесно и пошироко семејство (мајка, татко, брат, сестра), дали се во Украина? Дали се сите живи и здрави?

-Сите мои роднини и пријатели во Украина ја делат судбината на сите Украинци. Кој е на фронтот, кој е волонтер, секој Украинец, како во Украина, така и надвор од нејзините граници ѝ помага на својата земја колку што може. За нашата амбасада, на пример, главна задача сега е обезбедување на хуманитарна помош за Украина.

Има ли надеж народот во Украина дека ќе запрат воените дејствија?

-Украина, како ниедна друга земја во светот, се стреми кон завршување на оваа брутална дива војна на Русија, и не само што се стреми, туку прави се за тоа да се оствари.

Каква е перспективата на народот во Украина? Што ќе биде со оние чии домови се разрушени?

-Започнавме официјално да регистрираме информации за оштетен и уништен имот на граѓаните на Украина. Секој кој останал без покрив над глава, секој кому окупаторот му ја уништил куќата или станот, ќе може да поднесе барање за обештетување. Во Украина, исто така, веќе е формиран Фондот за обновување на уништените имоти и инфраструктура, а преку него ќе се остварува плаќањето.

Покрај тоа, Врховната Рада на Украина подготвува нацрт-закон 5177, кој има за цел да го регулира прашање за исплата на компензација на лицата кои настрадале од руската агресија и останале без сопствените домови.

Во моментов, на таквите лица им се обезбедува помош од градските администрации и волонтерските организации.

Работи ли нешто во Украина во моментов? Има ли населени места каде животот тече нормално, луѓето одат на работа, децата на училиште, работат продавници, има нормален дотур на роба во продавниците?

-Сега се е ненормално. Сите ние, Украинците во Украина и во странство, живееме во поинаква реалност од сите други. Нашата реалност е војна. Но, Украинците се исклучително моќна нација. Врз нас фрлаат бомби, а нашите земјоделци почнуваат со сеидбата. Киев го гранатираат, а во меѓувреме продавници и кафулиња се отвораат, фабриките ја обновуваат својата работа, затоа што ние веруваме во нашата иднина, ние треба да преживееме, а за ова треба да стиснеме заби и да се движиме напред, упорно да работиме, кој како може треба да помогне за да се доближиме до победата и да ја обновиме нашата прекрасна земја.

Во Западна Украина е малку помирно, иако и таму руските окупатори вршат воздушни напади врз Лвив, Ивано-Франкивск, Тернопил, други градови и села и критична инфраструктура.

Нашите училишта го обновуваат образованието. Денес, се разбира, се работи за онлајн часови. Но, наставниците се обидуваат да ги соберат во едно купче своите класови со деца, кои сега се принудени да бидат бегалци, расфрлени по целиот свет. И онлајн часовите веќе започнаа. Затоа што ние ја разбираме важноста на современото образование и развој за разлика од дивото, необразовано, цинично руско општество. Образованието значи и стандард на живеење, и демократски вредности, и човекови права, и професионални, а не пропагандистички, лажливи медиуми. Образованите нации се најпрогресивните нации.

Кога последен пат бевте во Украина?

-Во декември 2021 година. Имавме средба на сите амбасадори на Украина со учество на Претседателот Володимир Зеленски. И секој од нас имаше нови амбициозни планови и задачи за развој на односите на Украина со акредитираната држава, пред се во економската сфера. И сите бевме уверени дека ќе работиме за развој. Конкретно нашите пријателски украинско-македонски односи беа во подем, во сите области на билатералните односи: политичката, економската, културната, имавме добри резултати. Планиравме да реализираме сериозни проекти во наредните месеци. Но, не само што верувам, уверена сум дека ние ќе го направиме тоа и ќе го направиме уште поефикасно.

Што мислите, како ќе се развиваат настаните понатаму?

-Мислам дека никој нема да може да ви даде точен одговор на ова прашање. Веројатно само Небесната Канцеларија. Едно можам да кажам – ние нема да се откажеме, ќе продолжиме да се бориме, бидејќи ова е нашиот живот, нашите деца, нашата иднина. Што се однесува до рускиот фашистички режим, тој веќе изгуби. Изгуби идеолошки, изгуби историски. Не само Украинците, туку и целиот свет нема да им го прости геноцидот во Буча, Ирпин, Мариупол, убиствата на цивили, силувањата на жени пред очите на нивните деца. Јас верувам во Бога и верувам дека тие ќе бидат казнети, како со човечки суд, така и со Божји.

Наидувате ли на поддршка од населението во Скопје, дали чувствувате опасност или сте забележале проруско расположение?

-Условно можам да ги поделам на огромно мнозинство граѓани на Северна Македонија, кои ни покажуваат јасна поддршка, ни пружаат вистинска помош, кои се солидарни со нас. Ова е главно средната класа, образованите луѓе. Луѓе кои размислуваат, анализираат, споредуваат, земаат информации од вистински извори. Ова е случај и со повеќето професионални медиуми. А има маргиналци – ги има малку, но тие се бучни, гласни. Некои од нив, се разбира се платени, некои не можат да се ослободат од долгогодишната крајно опасна за светогледот руска пропаганда. Мислам дека сето тоа е сепак од незнаење. На пример, руската пропаганда објави лажна вест дека Украинците во Донбас извршувале злосторства. Ова е очигледна лага. Имено Русите го нападнаа нашиот украински Донбас, извезоа украински претпријатија во Русија и протераа околу 2 милиони наши луѓе. Во 21 век во централна Европа, кога Русите го зазедоа Доњецк во 2014 година, руските платеници во градот поставија концентрационен логор, затворот „Изолација“, каде што безмилосно мачат луѓе, а сведоците кои ги преживеале тие ужаси раскажуваат за диви тортури. Во принцип, тие го правеа она што сега гледаме дека Русите го прават во мирните украински градови и села.

Не знам како може да се верува во руската пропаганда. Онаа која вели дека не се Русите оние кои во Буча, Ирпин, Мариупол безмилосно пукаа во цивили, силуваа жени пред очите на нивните деца, ги ставаа на колена цивилите, им ги врзуваа рацете и им пукаа во глава, и, според ова информативно руско ѓубре – Украинците убивале Украинци. Болни ли сме, да се убиваме самите себеси? За што?! Како може, човек кој барем малку размислува, да верува во ова лудило?!

Затоа, сумирано, можам да одговорам дека високо ја ценам вистинската поддршка од мнозинството граѓани на мојата сакана Македонија и ги жалам оние кои останаа на страната на злото, на поддршката на злосторниот режим. Поддржувајќи ги злосторниците, вие самите станувате злосторници.

Кога Украина ќе ги залечи лузните од војната?

-Ќе треба да поминат неколку генерации Украинци. За економијата не ни спомнувам. Ние сме упорни, повторно се ќе изградиме. Но, најтешко ќе биде со луѓето, со нивните психолошки трауми.

Што би му порачале на народот во Македонија?

-Ценете го она што го имате. Не се карајте, бидете една целина однадвор, можете да се расправате внатре, но однадвор мора да бидете една целина. Повеќе сметајте на себе. Добро е кога ви помагаат, но пред се вие самите треба да работите напорно, да ја подигнете вашата економија, активно да спроведувате вистински реформи, да создадете транспарентен и ефективен систем.Пред се, треба самите да ја изградите својата земја, а САД, НАТО и ЕУ се подготвени да ви помогнат во тоа. Ценете го мирот на вашата земја и со помош на напорна работа, секој на своето место движете се напред.

Соња Крамарска