Во разговор со македонските граѓаните во живо на страната на Фејсбук, амбасадорот на САД, Џес Бејли одговараше на прашањата поврзани со изборот помеѓу Републиканецот Доналд Трамп и Демократката Хилари Клинтон.
Во разговорот, Бејли објаснува како секоја држава во Америка е важна за изборите како и системот на гласање.
– Понекогаш малите држави се оние кои прават разлика во изборниот резултат, вели меѓу другото Бејли.
Иако беше побарано од него да ги коментира надворешните политики на двајцата кандидати, Бејли потенцираше дека како федерален претставник не смее да дава поддршка на било кој од кандидатите.
– Јас 31 година сум дипломат и под Републиканците и под Демократите, но можам да кажам дека интересот на САД нема да се промени и покрај изборите, кога се однесува на надворешната политика. Политиката кон Македонија веќе 20 години е конзистентна, а тоа е поддршка на патот кон евроинтеграциите и НАТО. Не очекувам голема промена кога се однесува за Македонија, вели тој.