Американската приватна мултинационална конгломератска корпорација, „Кох Индустрис“, која вработува 122.000 лица ширум светот, одлучи дека нема да го напушти своето работење во Русија, бидејќи со тоа би направила поголема штета отколку корист.
„Присутноста на конгломератот во Русија е релативно мал“, нагласи претседателот и главен оперативен директор на „Кох“, Дејв Робертсон во соопштението до јавноста.
Компанијата има околу 600 работници во својата подружница „Гардијан индустрис“ која управува со два погона за производство на стакло во Русија и дополнителни 15 лица кои работат надвор од „Гардијан“, меѓутоа во земјата.
„Немаме друг физички имот во Русија“, додаде Робертсон.
Одлуката на „Кох индустрис“ доаѓа по објавените планови на повеќе од 400 светски компании за повлекување, запирање или намалување на обемот на работа во Русија поради нејзината инвазија во Украина.
Меѓутоа, според листата што ја состави професорот по менаџмент на Универзитетот Јеил, Џефри Соненфелд и неговиот истражувачки тим, „Кох индустрис“ е една од триесетте фирми кои пркосат на барањата за излез или намалување на активностите во Русија, покрај „Рибок“ (Reebok), „Каргил“ (Cargill), „Халибартон“ (Halliburton), „ЛГ“ (LG), „Синабон“ (Cinnabon) и „Сабвеј“ (Subway).




