Руската инвазија на Украина ќе почне во рок од 48 часа, тврдат американски разузнавачи. Официјални претставници на американските разузнавачки служби за „Њузвик“ потврдија дека администрацијата на Џо Бајден го предупредила украинскиот претседател Володомир Зеленски за проценката дека Русија се подготвува да тргне во тотална инвазија на Украина во рок од 48 часа.
Претседателот на Украина е предупреден дека е многу веројатно Русија, според информациите со кои располагаат американските разузнувачки служби, ќе тргне во инвазија во рок од 48 часа, вели добро упатено, но неименувано американско лице за „Њузвик“.
„Покрај тоа, имаме информации дека руски авиони денеска влегле во украинскиот воздушен простор. Станува збор за шпионски авиони кои накратко влегоа во украинскиот простор“, додаде тој.
Извор близок до украинскиот претседател потврди за „Њузвик“ дека Зеленски го добил американското предупредување.
Неименуван американски разузнувач вели дека Пентагон проценува оти Русија при инвазијата ќе користи воздушни удари, крстосувачки ракети и копнена војска.
Информацијата ја потврди и друг официјален американски разузнувач кој ја нагласи „сеопфатната природа“ на воени операции што Пентагон ја очекува од Русија.
Тој за „Њузвик“ нагласи дека инвазијата нема да вклучува само упад на руската војска во проруските сепаратистички региони во Донбас, на истокот на Украина, туку и голема инвазија кон главниот град Киев која би тргнала од северните граници со Белорусија.
Друго официјално лице рече дека инвазијата веројатно ќе почне ноќе, а се очекува да ѝ претходат хакерски напади. Плановите, секако, може да претрпат промени, истакнаа тие.
Украина денеска е цел на сајбер напади чија мета се владини интернет страници и банки.




