Игор Ангеловски го објави списокот на фудбалски репрезентативци за гостувањето во Лихтенштајн на 24 март во квалификациите за Светското првенство во Русија во 2018 година и за пријателскиот меч со Белорусија на 28 март во Скопје. За мечот во Вадуц нема да смета само на Езџан Алиоски поради жолти картони, но играчот на Лугано ќе биде во комбинација за настап на „Телеком арена“.
„Верувам во овие играчи. Убеден сум дека по добрите игри во претходните средби, конечно, ќе освоиме и бодови во овие квалификации. Не сум тренер кој бара алиби. Од фаворитската улога не бегаме, но нема ниту да го потцениме Лихтенштајн затоа што Македонија во минатото има „горено“ во дуели со валви репрезентации“, порача Ангеловски.
Покрај суспендираниот Алиоски, за Лихтенштајн отпаднаа и Барди и Спировски.
„Продолжив со вклучување на млади фудбалери во А тимот. Се надевам дека ќе составиме квалитетен тим. На претстојниот натпревар ќе играме поофанзивно и сигурно ќе ја менуваме досегашната 3-5-2 формација“, додаде селекторот.
Собирот на фудбалерите е закажан за 20 март во Скопје. Мечот против Лихтенштајн во Вадуц е закажан на 24 март со почеток во 20,45 ч.